Дабар 2016


Во периодот од 07 до 11.11.2016 година во ООУ „Крсте Мисирков“ Скопје, под организација на наставникот по информатика Маја Виденовиќ, се спроведе интернационалниот натпревар Дабар 2016. Дабар e интернационален предизвик (еден вид натпревар), наменет за ученици од основните и средните училишта (почнувајќи со 3то одделение), кој има цел да ја промовира информатиката и сродните науки. Истиот се организира во повеќе држави, и е еден од најпопуларните натпревари во светот. 

Оваа година вторпат се спроведува во Македонија во организација на Здружението на информатичарите на Македонија и учениците од ООУ „Крсте Мисирков“ Скопје земаа активно учество на истиот. На натпреварот учествуваа повеќе од 100 ученици од одделенска и  предметна настава. Во организацијата на натпреварот во училиштето помогнаа Фросина Алексовска и Добринка Богдановска.

Задачите на натпреварот се создадени со цел да ги мотивираат учениците да размислуваат за принципите, идеите и концептите поврзани со информатиката и технологијата. Истите беа интересни, возбудувачки, го развиваа логичкото размислување и затоа беа добро прифатени од самите ученици.

Секој учесник на натпреварот ќе добие сертификат за учество, а училиштето признание за учество во овој интернационален натпревар.