Интеграција на еколошката едукација 2017


Соработката меѓу ООУ “Крсте Мисирков“ и градинката “25 Мај“ - клон “Сонце“ во рамките на проектот „Интеграција на еколошката едукација во образованието“ на тема „Енергија“  се реализира и во текот на оваа учебна година. Активноста беше насловена како „Спроведување на електричната енергија - да направиме струјно коло“. Активноста се одржа на ден 09.03.2017 година. Во активноста беа вклучени учениците од V одделение при ООУ „Крсте Мисирков“ под менторство на Анета Топалова, одговорен наставник за подрачјето „ЕНЕРГИЈА“ и децата од големата група од градинката.

За патот на електричната енергија до нашите домови дечињата дознаа од подготвената презентација која на конструктивен начин им го долови патувањето на електричната енергија од местото на производство па се до нашите домови. Во текот на активноста акцент се ставии на заштита од струен удар. Слајдовите од презентацијата го потикнаа размислувањето на децата за опасностите кои ги демнат при неправилното користење на спроводниците за пренос на електрична енергија и уредите кои работат на електрична енергија. Преку детска игра им беше доловено дека електричната струја всушност значи движење на честички-електрони кои се наоѓаат во спроводниците. Дечињата ги држеја во своите рачиња балоните –електрони и го имитираа движењето на електроните во спроводниците направени од јажиња. Потоа следеше делот насловен како „Да направиме струјно коло“. Учениците од нашето училиште им демонстрираа на своите нови другарчиња изработка на струјно коло, а потоанашите нови пријателчиња изработуваа струјно коло со помош на симулација. На крајот на децата им беа поделени работни листови – на кои тие правеа модел на струјно коло со помош на волница и елементи од хартија и цртаа струјно коло со помош на симболите на елементите од струјното коло.