Посета на ООУ„Наим Фрашери“ – Тетово 2017


Со цел да развиваат вештини за соработка и комуникација со ученици од друга етничка заедница, но и да влијаат врз подигањето на еколошката свест на граѓаните за намалување на загаденоста во општините „Гази Баба“ и „Тетово“, ООУ „Крсте Мисирков“ склучи официјални партнерски односи со ООУ„Наим Фрашери“ од Тетово. Соработката беше одобрена и од Министерството за образование и наука, кое ќе ги финансира заедничките активности на двете училишта.

Училиштата на почетокот на годината воспоставија електронска соработка и се договорија да се фокусираат кон интеркултурна и интеретничка соработка преку низа активности насочени кон подигање на свеста на учениците и охрабрување во реализација на Проектот „Градиме заедничка иднина“, кој подразбира истражување на причините за загаденоста на двете општини и изготвување препораки до пошироката популација за заштита од загаденоста и превенција на здравјето, преку консултација на стручни лица и изработка на рекламен материјал – флаери и брошури.

Со оглед на темата која е предмет на оваа соработка, нашата прва средба се реализираше токму на Денот на пролетта и екологијата, на ден 21.03.2017 година во ООУ„Наим Фрашери“ во Тетово. На оваа прва средба присуствуваа по 12 ученици и по пет наставници од двете училишта. Од планираниот сет активности, на првата средба се реализираа работилници за мултикултурно учење и меѓуетничка соработка за учениците од двете училишта. Во знак на Денот на пролетта и воспоставеното пријателство, учениците посадија заедничко дрво, кое ќе го одгледуваат учениците од „Наим Фрашери“. Го посетивме и Арабати Баба Теќе, кое е во близина на училиштето. Посетата заврши со договор за следна средба во нашето училиште каде ќе продолжи прекрасното дружење.