Одбележувањето на Денот на побезбеден интернет 2022 во ООУ „Крсте Мисирков“, Скопје се реализираше преку едукација на учениците на тема: Сајбер безбедност и справување со дезинформации, под менторство на наставниците Маја Виденовиќ и Фросина Алексовска. Во таа насока во изминатите два месеци учениците од VIII и IX одделение истражуваа на интернет, дискутираа помеѓу себе и заеднички донесуваа заклучоци поврзани со сајбер безбедност и справување со дезинформации. Тие развиваа вештини за комуникација, соработка, дигитална писменост, критичко и креативно размислување. Заеднички креираа материјали кои понатаму се искористија за едукација на учениците од пониските одделенија. На 07.02.2022 и 08.02.2022 беше извршена дисеминација на овие стекнати знаења од учениците од повисоките одделенија на учениците од пониските одделенија (VI и VII одделение). Учениците од повисоките одделенија беа во улога на наставници, презентираа материјали, поттикнуваа дискусии и на крај го тестираа знаењето на учениците од пониските одделенија на теми поврзани со сајбер безбедност и дезинформации. Наставниците ментори само го следеа целиот процес и повремено се вклучуваа во дискусии. Преку принцип на соученичко учење, кај учениците се развија вештини за правилно однесување во виртуелниот свет.