Нашето училиште беше дел од активност на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, чија цел е промоција и спроведување на европските програми во областа на образованието. Во таа насока, учениците од деветто одделение кои се на прагот на одлуката каде да го надоградуваат своето знаење а воедно негуваат љубов кон хемијата, денес беа во посета на Фармацевтскиот факултет во Скопје, веледрогеријата Еуро-фарм во Скопје и Алкалоид АД - Хемија и Козметика - Ѓорче Петров, Скопје. Учениците имаа можност одблизу да ги видат лабораториите во кои се вршат најразлични медицински испитувања, да се запознаат со начинот на функционирање на една лабораторија како и различниот лабораториски прибор и апарати. Преку прашања и дискусија научија многу работи од светот на фармакологијата, ја проследија работата на студентите со хуман биолошки материјал, методи за екстракција и производство на билни масла каде посебен впечаток остави производството на маслото од канабис како дел од терапијата на заболените од канцер.