Првото застанување беше на Маврови Анови каде учениците ги разгледаа убавините на Мавровското Езеро и националниот парк. Потоа од Маврово се упатија кон Реканскиот крај, манастирот Свети Јован Бигорски, каде учениците имаа можност да се запознаат со историјата на овој манастир, за неговото настанување, минатотo како и реконструкцијата по пожарот. Попатно имаше панорамско разгледување на кањонот на реката Радика и Дебарските езера. Во Вевчани учениците го посетија Мултикултурниот центар „Коста Србакоски“, каде имаше интересно предавање за старата вевчанска архитектура, културата и традицијата на Вевчанци, за заштитниот знак Вевчанскиот карневал, како и за разновидниот растителен и животински свет на планинската убавица Јабланица. Потоа се упатија кон живописните вевчански извори. На пат кон Охрид ја посетија и Струга, струшката чаршија и истекот на реката Црн Дрим. Во вечерните часови учениците се упатија кон Охрид на вечерна прошетка и дружење.
Вториот ден беше посетен манастирскиот комплекс Свети Наум Охридски, попатно разгледувајки ја охридската ривиера. Таму учениците имаа можност да се здобијат со историски информации за овој познат манастир и исцелувачките моќи како и просветителската дејност. После ручекот ја посетија познатата црква Света Софија, која е една од најголемите средновековни цркви на овие простори. Потоа се упатија кон црквата Свети Јован Канео - една од најпознатите цркви во Охрид, на карпестиот рид над плажата Канео во стариот дел на градот. Попатно продолжија кон археолошкиот комплекс Плаошник кој изобилува со културни слоеви од праисторијата, антиката и средниот век.
Третиот ден учениците имаа прошетка низ стариот дел на Охрид со разгледување на старата охридска архитектура, Куќата на Робевци, амфитеатарот, охридската чаршија каде имаа можност да го почуствуваат занаетчиството, еснафот и да уживаат во прекрасното охридско крајбрежје.
Екскурзијата беше успешно изведена, беа посетени планираните места, и секако остварена е и целта за рекреација и меѓусебно дружење во прекрасна атмосфера, како и незаборавни спомени кои ги создаде една генерација ученици.
Тридневната научно-рекреативна екскурзија со учениците од IX одделение се изведе на 15, 16, и 17.05.2024 година низ Западна Македонија. Патувањето беше преку Тетово, Гостивар и Дебар, со попатни паузи.