Настава


НАСТАВА
ПРИЕМНИ ДЕНОВИ
ПРЕДМЕТНА НАСТАВА – ВТОРНИК
17:10 – 18:10
 
ОДДЕЛЕНСКА НАСТАВА – СРЕДА
17:00 – 18:ОО


Вид на настава
Воспитно – образовната дејност во училиштето опфаќа настава што се организира и изведува според наставните планови и програми и воннаставните активности. Според Наставниот план наставата во основното училиште се изведува како:

  • настава по задолжителни предмети,
  • настава по изборни предмети,
  • дополнителна настава,
  • додатна настава.

Организирањето на учебната година и одморите на учениците училиштето ги утврдува според календарот за организација и работа на основните училишта, што го донесува Министерот.

Организација на задолжителната наставата

Во училиштето наставата ќе се изведува во две смени. Во едната смена се организира настава за учениците од  I до V одделение, а во другата смена за учениците од VI до IX одделение. Смените ќе се менуваат на секои две недели.

Наставата во првата смена започнува во 7:30 часот, а во втората смена во 12:30 (за предметна настава) и 13:00 (за одделенска настава). Наставниот час трае 40 минути.

Задолжителната настава претставува содржинска основа за усвојување на знаења од сите области на науките. Застапеноста на наставните предмети во наставата по одделенија и неделниот фонд на часови за секој наставик и предмет се утврдува со наставниот план. Наставниот кадар ги следи промените во наставните планови доколку ги има и ќе ги усогласува истите во наставниот процес. Според Законот за основно образование на часот на одделенската заедница ќе се разработуваат содржини за личниот и социјалниот развој на учениците според програмата Образование за животни вештини.

И оваа учебна година следењето на знаењата и успехот на учениците во прво, второ и трето одделение ќе се врши преку евидентни листи за секој ученик посебно и на крај од учебната година оценувањето ќе биде описно. За учениците од четврто до девето одделение се делат евидентни листи во првите три квартали, а на крајот од учебната година се делат свидетелства, со тоа што учениците во четврто, петто и шесто одделение описно се оценуваат во првиот и во третиот квартал.

Задолжителeн странски јазик е англиски јазик, а како втор задолжителен јазик од шесто одделение е француски јазик. Наставата ќе се изведува во 22 класични училници, 2 специјализирани училници (кабинети), три простории за дневен престој и 2 фискултурни сали. Во училиштето наставата оваа учебна година наставата ќе ја  посетуваат  616 ученици распоредени во 29 паралелки од I до IX одделение и две паралелки во подрачното училиште во с. Брњарци, како и две паралелки дневен престој, вкупно 34 паралелки.

ИЗБОРНА НАСТАВА

Со изборните предмети во основното училиште, на учениците им се дава можност да ги прошируваат и продлабочуваат знаењата и да ги развиваат своите индивидуални способности по одделни наставни предмети. Изборот на предмети се врши според спроведени анкети во месец мај.

Постапката за избор на изборни предмети во училиштето се изведува согласно Процедурата за изборни предмети.

Училиштето ги почитува правата и обврските на учениците при определување за изборни предмети и ги спроведува прописите поврзани со таа проблематика. При понудувањето на изборните предмети се тргнува од кадровските и просторните потенцијали на училиштето, како и интересот на учениците. Од резултатите од анкетирањето на родителите изборната настава ќе се изведува според следните наставни предмети во следните одделенија:

Оваа учебна година како изборни предмети во VI одделение ќе се изучува Етика на религии. Во VII одделение ќе се изучува Проекти од музичката уметност и Техничко образование, Нашата татковина. Во паралелките во VIII одделение како изборен предмет ќе се изучува Проекти од информатиката, Ора и танц, животни вештини, а во IX одделение Програмирање, Вештини за живеење.

ДОПОЛНИТЕЛНА НАСТАВА

Основната цел на дополнителната настава е подобрување на резултатите кај оние ученици кои имаат послаби постигнувања во образовниот процес. Дополнителната настава ја реализираат одделенските и предметни наставници кои предаваат во паралелката. Изборот на ученици го прави наставникот, но на наше големо задоволство голем е и интересот на учениците кои сакаат да бидат дел од дополнителната настава со цел надополнување на знаењето од некоја одредена тема, содржина или област.

Според Законот на основно образование изведувањето на дополнителната настава е регулирано со посебен, однапред дефиниран распоред кој ќе се истакне на видно место во училиштето најдоцна до 20 септември водејќи притоа сметка за одмерено ангажирање на учениците кои се вклучуваат во овој вид на настава. Наставниците континуирано ја планираат реализацијата на оваа настава и планирањата се во склоп на годишните програми на наставниците.

ДОДАТНА НАСТАВА

Додатната настава е голема можност за талентираните учениците дополнително да ги стимулираат и развиваат сопствените таленти и притоа да прават нешто незадолжително, а сепак интересно и иновативно поврзано со одредена област. Додатната настава ја изведуваат одделенските и предметните наставници кои предаваат во паралелката. Распоредот за додатна настава e изготвен и поставен на видно место во училиштето и по неговото донесување ќе стане составен дел на годишната програма.

ИНДИВИДУАЛИЗИРАНИ ПРОГРАМИ ЗА РАБОТА СО НАДАРЕНИ И ТАЛЕНТИРАНИ

Секој наставник во соработка со стручните соработници со употреба на разновидни начини и мерки за вреднување, со цел избирање на надарени деца на различна возраст и со различни способности треба да изработи диференцитани наставни планови кои видно се разликуваат од постојните базични планови кои се задолжителни за сите ученици. Тие содржат различни наставни предмети, различен број на часови и други активности кои се одредуваат во зависност од видот на надареноста и возраста на ученикот.

Овие наставни планови и програми подразбираат повисоко научно- теоретско ниво на програмските содржини, специфичен и проширен обем на содржини, поголема длабочина на суштината и разновидност на програмските содржини и висока меѓупредметна корелативна поврзаност на програмските содржини. Наставникот преку овие наставни програми за надарени деца треба да е во улога на соработник, наставната диференцирана програмска содржина да е флексибилна и прилагодлива за наставниците кон секој ученик или група на ученици. Преку практична реализација на диференцираните планови и програми како и преку практичната реализација на работните вежби наменети за понапредните ученици би се афирмирал поквалитетен педагошки третман за овие ученици во рамките во редовната настава, додатна настава и слободни ученички активности.

ИНДИВИДУАЛИЗИРАНИ ПРОГРАМИ ЗА РАБОТА СО ДЕЦА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ

Како и секоја учебна година,со учениците со ПП ќе се работи по претходно изготвен акционен план, во кој се вклучени Годишната програма за работа на инклузивниот тим, Процедурата за идентификација на ученици со ПП и изработка на индивидуален образовен план. Кај секој ученик кај кој ќе биде детектирана потреба за изработка на ИОП, наставниците, дефектологот и родителот на засегнатиот ученик, ќе изработуваат ИОП-и за индивидуалните потреби и способности на учениците со ПП. Овие планирања се составен дел од планирањата на наставниците.

ПРОЕКТИ КОИ СЕ ОРГАНИЗИРААТ ВО УЧИЛИШТЕТО

Оваа учебна година во училиштето продолжуваат да се реализираат проектите:  „Меѓуетничка интеграција во образованието“ и „Интеграција на еколошката едукација во образовниот систем“, ЕРАЗМУС +, К-2.