По повод Меѓународниот ден за заштита на озонскиот слој, учениците од нашето училиште учествуваа во низа едукативни и креативни активности со цел да ја разберат важноста на овој невидлив, но исклучително значаен „штит“ на нашата планета.
На почетокот беше организирана дискусија на која учениците разговараа за тоа што е озон и озонски слој, зошто небото е сино, што претставуваат озонските дупки и како човековите активности придонесуваат за оштетување на овој слој.
Во рамките на отворени часови, учениците имаа можност директно да го набљудуваат небото и атмосферата, при што дискутираа за видливите промени во природата и за тоа како озонот ја штити Земјата од штетните УВ-зраци.
Особено внимание предизвикаа малите експерименти, преку кои децата симболично ја претставија пропустливоста на сончевите зраци и улогата на озонската обвивка како заштитен филтер.
Во креативниот дел, учениците создаваа слогани и пораки со кои ја истакнаа потребата од заедничка грижа за нашата планета, како:
„Заштити го озонот – спаси ја иднината!“,
„Чувај го небото сино!“,
„Земјата е наш дом – не дозволувај да изгори!“.
Со овие активности учениците не само што научија повеќе за значењето на озонскиот слој, туку и развија свест дека секоја мала промена во нашето однесување придонесува кон поголема заштита на природата.