Професионален развој на наставниците – Scientix®: ресурси, можности и инспирација за интердисциплинарна настава
Во рамките на континуираниот професионален развој на наставниците на 26.11.2026 во ООУ „Крсте Мисирков“ – Гази Баба, Скопје, се реализираше работилница посветена на можностите што ги нуди Scientix®, со акцент на унапредувањето на наставната практика и интегрирањето на интердисциплинарни STEAM активности во наставниот процес.Работилницата ја реализираше Маја Виденовиќ, наставник-советник и Scientix амбасадор.
Во воведниот дел од работилницата, наставниците се запознаа со Scientix како водечка европска заедница за STEM образование, нејзините цели, области на дејствување и можностите што ги нуди за професионален развој, соработка, размена на искуства и примена на иновативни наставни практики.
Посебен акцент беше ставен на достапните образовни ресурси, наставни материјали и сценарија за учење, како и на можностите за нивно користење при планирање и реализација на интердисциплинарна настава. Беа разгледани начини за поврзување на содржините од различни наставни предмети, примена на современи наставни пристапи и поттикнување на активно, истражувачко и креативно учење.
Во практичниот дел од работилницата, наставниците самостојно ги истражуваа ресурсите достапни на порталот Scientix, идентификуваа материјали соодветни за наставните предмети што ги предаваат и ги приспособуваа на потребите на учениците и сопствената наставна практика.
Преку заедничка дискусија и размена на идеи и искуства, наставниците ги разгледаа можностите за примена на избраните ресурси во наставата, поврзување на наставните содржини со реални животни ситуации и зајакнување на меѓупредметната соработка.
Реализираната работилница придонесе за унапредување на професионалните компетенции на наставниците, поттикнување на хоризонталното учење и развивање култура на соработка и споделување добри наставни практики во училиштето.
Преку ваквите активности, нашето училиште продолжува да ја унапредува наставната практика, да ја поттикнува примената на иновативни образовни пристапи и да создава услови за квалитетно, современо и инспиративно образование, насочено кон потребите на учениците.


















Поврзани содржини