Едукативна работилница Браево писмо 24-04-2026

Едукативна работилница „Браево писмо“

На 23.04.2026 година, во нашето училиште се реализираше едукативна активност со учениците на тема „Браево писмо“.
Целта на активноста беше учениците да се запознаат со начинот на комуникација на лицата со оштетен вид, како и да развијат чувство на емпатија и разбирање за нивните потреби.
Активноста започна со кратка презентација преку која учениците се запознаа со основните карактеристики на Браевото писмо, начинот на неговото функционирање и неговото значење во секојдневниот живот.
Потоа беше прикажано кратко едукативно видео за основачот на Браевата азбука, Луј Брај, преку кое учениците добија дополнителни информации за неговиот живот и придонес.
Во практичниот дел, на учениците им беа поделени ливчиња со прикажана шестоточка (основната единица на Браевото писмо). Тие имаа задача самостојно да го напишат своето име и презиме користејќи го Браевото писмо. Овој дел предизвика голем интерес и ангажираност кај учениците, кои со внимание и ентузијазам ја извршуваа задачата.
Активноста беше успешно реализирана, а учениците покажаа интерес, активно учество и позитивен однос кон темата. Преку оваа активност се поттикна нивната свесност за различностите и важноста на инклузијата во општеството.

ООУ Крсте Мисирков
Политика на приватност

Oбјаснување како ги собираме, користиме и заштитуваме вашите лични податоци.
Прочитај повеќе