Erasmus+ проект „All About Leadership 3“ – Искуства, активности и незаборавни моменти!
Нашите ученици Стела Илиќ, Антонија Петковска, Горјан Јанакиевски и Теона Миленковска, заедно со нивната наставничка Елена Новакова, учествуваат во проектот “All About Leadership 3”, дел од програмата Erasmus+, реализиран во соработка со Association for Youth Activism и Excel. Тимот патуваше во Полска, а пред пристигнување на конечната дестинација имаше можност да го прошета прекрасниот Краков.
Во текот на седмицата исполнета со активности, учениците земаа учество во различни работилници посветени на лидерството, тимската работа и меѓусебното запознавање. Преку интерактивни игри, дискусии и креативни задачи, тие ги развиваа своите комуникациски и лидерски вештини, притоа создавајќи нови пријателства и разменувајќи идеи со врсници од други земји.
Една од највпечатливите активности беше посетата на прекрасното планинско езеро Morskie Oko на 1395 мнв., каде нашите ученици уживаа во величествената природа на Татрите, во сончевото време и во дружењето со меѓународниот тим.
Особено се истакна и нивната самостојна работилница на тема „Кризи и менаџирање на конфликти“, која ја подготвија и реализираа со многу ентузијазам. Учениците се снајдоа одлично во улогата на организатори и презентери, покажувајќи зрела лидерска способност, креативност и тимска соработка. Ова беше одлична можност за унапредување на нивната самодоверба, јавен настап и умешност во водење група.
Кон крајот на проектот, учесниците учествуваа и на интернационалната вечер, каде секоја земја ја претстави својата култура. Нашиот тим со гордост ја претстави Македонија преку традиционална музика, ора, вкусна храна и приказни за убавините на нашата земја. 🇲🇰 Воедно уживаа и учеа за културите на Полска, Украина, Унгарија и Латвија, создавајќи нови пријателства и незаборавни моменти.
Ви пренесуваме дел од атмосферата – од дружбите, работилниците, културните вечери и убавите моменти што ќе останат засекогаш запаметени!










Поврзани содржини