Иднината сме ние
ИДНИНАТА СМЕ НИЕ… E ARDHMJA JEMI NE… На кој јазик и да кажеме, децата се нашата иднина, а ние возрасните треба да учиме од нив како лесно и едноставно се комуницира за да се постигне заедничка цел.
Ние денеска започнавме да ги реализираме заедничките активности со партнер училиштето ООУ ,,Кирил и Методиј”, Стајковци. Поточно, бевме на гости во подрачното училиште во Страчинци, каде наставата се одвива на албански наставен јазик. Домаќините срдечни и гостољубиви, а гостите љубезни и добронамерни. По повод Денот на пролетта и екологијата, во присуство на наставници, родители и претставник од БРО, реализиравме повеќе заеднички активности. Не изостанаа и честитките за големиот муслимански празник Рамазан Бајрам.
Најнапред учениците се запознаа меѓусебно, претставувајќи се на својот јазик и искажувајќи некое хоби или интерес, а потоа по случаен избор се поделија во две големи групи. Првата група имаше задача да скенира кодови и да открие интересни факти и примери за успешни еколошки приказни и пораки. Тие ги засадија цвеќињата во дворот, со задача да ги полеваат и да ги одржуваат до следната средба. Втората голема група, во друга просторија беше поделена на четири помали групи, кои имаа различни задачи, со заедничка цел: да ја истакнат важноста од зачувувањето на здравата животна средина. Нивните изработки беа закачени во училишното еко катче. Во знак на долгогодишното пријателство, директорките на двете училишта посадија дрвце во дворот, кое се надеваме, ќе биде од корист за многу идни генерации. Следуваше неофицијална дружба, во која учениците спонтано започнаа пријателски натпревар во одбојка, во мешани групи. Споделија контакти и се договорија за идните активности и за повторна средба, овојпат во ООУ ,,Крсте Мисирков”, со други интересни активности.
На домаќините им благодариме за пречекот и ги покануваме на Денот на шегата да бидат наши гости. Ги очекуваме во маски од рециклирани материјали.
Ние одлучивме да се натпреваруваме во љубезност и гостољубивост, а вие?







Поврзани содржини